Приватните автобуски компании „Оли – травел“, „Јоцо – турс“, „Штуз“ и „Глобус“ ќе го организираат јавниот автобуски превоз во Куманово. Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски вчера им ги додели дозволите за вршење на градски превоз, со што во наредните 5 години овие претпријатија со 55 автобуси и минибуси ќе сообраќаат на 32 градски и приградски линии во вториот град по големина во земјава.
Општина Куманово пропиша неколку обврски кои мора да ги исполнува секој автобуски превозник за да постане дел од јавниот превоз во градот. Покрај законската легислатива, петте автобуски компании го исполнуваат критериумот во сопствениот возен парк да имаат автобуси и комбиња со ЕУРО 2 и ЕУРО 3 мотори. Кумановските превозници ќе треба низ градот на постават автобуски постројки со карта на градските и приградските линии, да обезбедат еден бесплатен ден за пензионерите во текот на неделата, да издаваат месечни билети за граѓаните и да го постават грбот на општина Куманово на двете страни на нивните автобуси и минибуси.
Локалните власти од Куманово засега не размислуваат за формирање на сообраќајно претпријатие во сопственост на општината. Системот на организиран јавен превоз во Куманово е сличен со оној во Битола, каде линиите ги оддржуваат приватни автобуски превозници. Скопје и понатаму останува единствен град во земјава со јавно сообраќајно претпријатие, иако надлежните од ЈСП – Скопје неодамна за медиумите изјавија дека се подготвени дел од старите градски автобуси да ги отстапат на помалите градови кои сакаат да основаат ваков вид превоз.
Бојан Блажевски