Министерството за транспорт и врски денеска објави јавен повик за оттуѓување на државно градежно земјиште во скопската населба Хиподром, предвидено за изградба на девет станбени згради и еден комерцијално-деловен објект. Продажбата ќе се изврши по пат на јавно наддавање во просториите на министерството.
Станбените објекти се планирани на локации со површина помеѓу 2.062 и 5.021 метри квадратни, а вкупната површина изнесува 27.822 метри квадратни. Почетната цена е 3.500 денари за квадрат. Пријавите за учество може да се достават до 20 јануари, а наддавањето ќе се одржи на 27 јануари.
Комерцијално-деловниот објект е планиран на локација со површина од 2.280 метри квадратни и почетната цена за ова земјиште е 5.400 денари за квадрат. Пријавите за учество може да се достават до 21 јануари, а наддавањето ќе се одржи на 28 јануари.
Најповолниот понудувач ќе биде обврзан во рок од шест месеци да обезбеди одобрение за градба, а во наредните две години да ги изгради објектите. Инаку просторот е опфатен со ДУП Маџари-Хиподром, донесен на 29.01.2008 и е дел од предвидена населба за пет илјади жители со разни пропратни содржини. При носењето на ДУП-от, од Општина Гази Баба првично се најавуваше дека активностите за негова реализација ќе почнат во втората половина на 2008.