Странски и домашни инвеститори пројавуваат голем интерес за изградба на сончеви електрани, но многу мал дел од најавените ветувања се остваруваат преку готови проекти во Македонија. Земјава се наоѓа на последното место од регионот според искористеноста на соларната енергија, иако метеоролошките податоци покажуваат дека Македонија има од 250 до 300 сончеви денови во текот на годината со што сме на самиот европски врв според потенцијалот за искористување на овој вид енергија. Наспроти пионерските инвестиции во Македонија, според податоците на Меѓународната агенција за енергија соседните Турција и Грција се наоѓаат на самиот врв во светот во однос на користењето на обновливата енергија од сонцето.
*инсталираните фотонапонски панели во сончевата електрана „Алфа парк“ во Радовиш
Агенцијата за енергетика на Република Македонија во Регистерот на постројки за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија (ОИЕ) има вметнато 8 фотоволтаични постројки со вкупна инсталирана моќност од 1.468 kW и планирано годишно производство од 2.016 MWh. Во извештаите на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија се објавени барањата за одобрување на користење на повластена тарифа за продажба на електрична енергија од компаниите Фотон – Босилово, Интеграл – Тетово, Мега Солар – Скопје, Алфа Инженеринг – Радовиш, Петро М – Скопје и Мавис – Штип поднесени во последните неколку месеци, додека во истиот период единствено компанијата БТФ – Солар од Кичево поднела барање за лиценца за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.
*Сончевата електрана „Алфа парк“ изведена на покрив од производна сала
Наспроти малиот број завршени проекти, најавите за изградба на сончеви електрани се неколкукратно поголеми, но голем дел од нив останаа нереализирани, особено оние што беа ветени од странските инвеститори. Домашните инвеститори сметаат дека гломазната администрација и приклучувањето на овие објекти од ЕВН се главните проблеми за премалиот број инвестиции во оваа област. „Технички овие проекти се многу едноставни и се градат во рок од еден месец, ако претходно сте ја нарачале сета потребна опрема, но административно барем досега беше ноќна мора“, истакнува сопственикот на „Алфа инжинеринг“ Ацо Ристов. Според електроинженерот Ристов, најголем проблем за сончевите електрани останува ЕВН, која треба да даде приклучок на овие објекти, а не е регулирана со никакви рокови. „Едноставно може да ви пропадне инвестицијата заради нивната монополска позиција и нерегулираност со рокови на нивниот дел од обврските“, вели за „Билд“ Ацо Ристов.
Во земјава постојат неколку позитивни примери за успешно завршени проекти за искористување на сонцето како обновлив извор на енергија. Еден од нив е „Алфа парк“ во Радовиш на инвеститорот „Алфа Инженеринг“, чија што инсталирана моќност изнесува 49,7 MWp и максимално годишно производство на енергија од 80 MWh. Сончевата електрана е составена од 255 фотонапонски модули со поединечна моќност од 195 Wp и трифазни мрежни инвертори секој со поединечна моќност од 15,6 KW. Фотонапонската електрана изведена на покрив од производна хала придонесува и за намалување на штетните емисии на јаглерод диоксид во атмосферата за 70.238 килограми годишно.
Спротивно на големите инвестиции во соседните држави, првата сончева електрана во Македонија беше изградена дури во 2009 година во скопското село Кадино од страна на компанијата „Сието“. „Сончев парк – Кадино“ е пионерски исчекор во искористувањето на сончевата енергија преку инсталираните 120 фотонапонски панели со поединечна моќност од 85 Wp.
Причината за малиот број изградени соларни електрани лежи и во државата, која дури во септември 2008 година создаде предуслови за изградба на вакви објекти преку утврдување на повластена откупна цена за струја произведена од фотонапонски панели, иако до денес цената по киловат час континуирано се намалува од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Сепак, за македонските претприемачи и ентузијасти пристигна позитивна вест од неодамнешната конференција „Бизнис – планирање на проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија на земјите од Југоисточна Европа“ оддржана во Скопје. Фонд од 250 милиони евра ќе им биде ставен на располагање на 12 земји од Југоисточна Европа, меѓу кои е и Македонија за проекти од енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Искористувањето на странските финансиски фондови е еден од начините за зголемен процент на остварување на планираните проекти за искористување на сончевата енергија.
»Форумска дискусија за сончевите електрани во Македонија
Бојан Блажевски