На улицата Наум Наумовски – Борче во Дебар Маало, почнува да никнува станбено – деловниот објект „Боними“ [» мапа]. Се гради на неколку споени имоти и маркички, што е невообичаено за Дебар Маало, каде помеѓу новоградбите досега доминираа објекти со мали основи, кои неефикасно го искористуваат просторот и создаваат редица проблеми.
„Боними“ ќе има три влеза и каскадно ќе се спушта кон улицата Ленинова, при што највисокиот дел на зградата ќе има приземје, седум ката и поткровје, додека делот кон Ленинова ќе има приземје, пет ката и поткровје. Две подземни нивоа се проектирани за задоволување на сопствените потреби за паркинг. Во приземјето се предвидени деловни простории, а на останатите катови ќе има станови чија големина ќе се движи помеѓу 50 и 250 метри квадратни.
Расчистувањето на теренот започна во август минатата година, а рокот за комплетирање на проектот е декември 2012. Како инвеститор фигурира „Луна корпорација“. Од „Луна“ најавуваат дека наскоро ќе отпочнат со градба на уште два објекти во централното градско подрачје.
» Форумска дискусија за овој проект