Доколку се реализираа ветувањата на компаниите и политичарите, во Македонија досега ќе имаше неколку десетици изградени ветерници на локации во Штип, Свети Николе, Богданци, Водно и на други локации низ земјава кои беа дел од нереализираните проекти за искористување на ветерот како обновлива енергија во нашата држава. Плановите за изградба на ветерници останаа на хартија, со што Македонија остана единствената држава од европските земји – членки и кандидати за членство во ЕУ која нема изградено ниту еден објект за производство на енергија од ветерот.
Идејата за изградба на ветерници во Македонија датира уште од 1993 година од научниот труд „Ветерот како енергетски потенцијал во Македонија“ изработен од проф. д-р Арсен Арсенов од Електротехничкиот факултет и Пеце Ристевски од РХМЗ. Научниот труд ја разработува оправданоста од инсталирање ветерница на најветровитото место во Македонија, Три чешми кај Штип.
Во последните неколку години се пројави зголемен интерес од бројни компании да изградат вакви објекти, но досега не е реализиран ниту еден проект. Последната најава за изградба на ветерници дојде во март годинава од канадската компанија „Трилиум Холдинг“, која преку партнер од земјава најави проект за 27 ветерници во вредност од 34 милиони евра во Богданци. Претходно, во ноември минатата година беше потпишан договор за кредит за изградба на ветерен парк во Богданци со 30 ветерни турбини и со вкупна јачина од 45 мегавати. Без објаснување, во април годинава проектот беше намален на 15 до 18 ветерници со моќност од 37 мегавати. Државната компанија „ЕЛЕМ“ пресмета дека кредитот во вредност од 32,9 милиони евра од германската „КфВ“ банка претставува само дел од потребните 55 милиони евра за изградба на ветерниот парк, а останатиот дел од сумата ќе треба да ја обезбеди компанијата од сопствени средства.
За разлика од скорешните ветувања, плановите од пред неколку години за искористување на ветерот во производство на енергија се целосно заборавени. Во јули 2008 година беше потпишан договор за изградба на деведесет ветерници со вкупен капацитет од 200 мегавати електрична енергија од страна на израелско – британската компанија „ЕИЏ“ и градоначалникот на Свети Николе, Слободан Даневски. Плановите беа инвестицијата од 360 милиони евра да биде завршена до 2010 година, но досега не е ниту отпочнато поставувањето на ветерници низ Овчеполието.
Во мај 2008 година беше објавена веста дека јужнокорејската компанија за производство на електрична енергија „Косеп“ и компанијата „Самсунг“ се заинтересирани за градат ветерници во Штип, а нивниот шпански партнер „Инвал“ неколку месеци подоцна најави изградба на фарма со ветерници во околината на Штип во вкупна вредност од 200 милиони евра. Проектот предвидуваше изградба на систем од 50 ветерници со вкупна моќност од 150 мегавати, а крајниот рок за поставување беше 18 месеци, односно до крајот на мај 2010 година. Во истиот период беше ветена и друга инвестиција од 20 милиони евра во изградба на 15 ветерници од австриската фирма „Нова енергија“ во близина на рудникот „Бучим“ во Радовиш.
Времето покажа дека ниту еден од овие проекти не е завршен до денес. Ветерот ги одвеа ветувањата за изградба на ветерници вредни 700 милиони евра, проекти кои ќе доведоа до поставување на стотици ветерници во Богданци, Свети Николе, Штип и Радовиш. За разлика од македонските донкихотски борби со ветерниците, земјите од регионот наголемо работат на искористување на ветерот како обновлив извор на енергија.
Хрватската компанија „Кончар“ уште во 1988 година го постави првиот ветроагрегат во Уљаник, а денес во оваа земја активно функционираат 50 – тина ветерници како дел од ветроелектраните Вратаруша, Орлице, Тртар – Кртолин, Равне 1 и Велика Попина со вкупна моќност од околу 73 мегавати. Во Хрватска постојат и неколку проекти во подготовка од оваа област.
Во Србија во април годинава беше инсталирана првата ветерница со моќност од 600 киловати во близина на српскиот град Тутин, додека во Романија само во почетокот на 2011 година се отпочнаа проекти вредни стотици милиони евра од страна на австриската компанија „Вербунд АГ“ и американската компанија „Конкорд Дивелопментс“. Ветроелектраната на австриски „Фербунд“ ќе произведува електрична енергија доволна за 170.000 романски домаќинства.
Форумска дискусија за искористувањето на енергијата на ветрот » овде
Бојан Блажевски