Претходна статија
Заокружена финансиската конструкција за автопатот Демир Капија - Смоквица
Следна статија
Голема трампа на деловни објекти во центарот на Скопје

Отворен за сообраќај нов сегмент од булеварот Србија

Објавено на 13.04.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

# Денес беше официјално ставен во функција новопробиениот дел на булеварот Србија, од улицата Првомајска до цементарницата „Усје“, а воедно беше формално пресечена лента и за проширениот дел на потегот од булеварот Видое Смилевски Бато до Првомајска, кој се градеше фазно од јули 2009 година и веќе одреден период функционираше под нормален сообраќаен режим. Вкупната должина на трасата во чии рамки беа изведени различни зафати изнесува околу 2.000 метри, за што Градот Скопје вложи два милиона евра. Булеварот Србија е дел од делумно реализираниот внатрешен полупрстен на булевари во Скопје, кој почнувајќи од падините на Водно, преку Автокоманда, Скопје Север, и Бардовци, треба да завршува во Ѓорче Петров.

 

Надградбата на булеварот започна во периодот февруари – септември 2008 година, кога беше пробиен сегмент во близина на цементарницата „Усје“ кој целосно недостасуваше. Изведувач беше градежната компанија „Гранит“. Потоа во јули 2009 година, „Мавровоинженеринг“ започна со проширување на потегот од булеварот Видое Смилевски Бато до улицата Првомајска. На овој дел е изграден нов коловоз со три коловозни ленти со широчина од по 3,5 метри и сега има вкупно пет ленти разделени со средишно зеленило. Вкупната широчина на коридорот, со вклучени тротоари, велосипедски патеки и зеленило изнесува 50 метри.

 

На сегментот од улицата Првомајска до цементарницата „Усје“ изградена е целосно нова сообраќајница со четири коловозни ленти со широчина од по 3,5 метри, без средишно зеленило. Вкупната широчина на коридорот во овој дел изнесува 30 метри. Вкрстувањето пред цементарницата „Усје“ е решено со кружен тек со дијаметар од 40 метри.

 

По должината на булеварот е изведена секундарна атмосферска мрежа во должина од 794 метри со профил Ф 250 и 784 метри со профил Ф 200. Поставено е ново улично осветлување кое се состои од 108 8-метарски столбови со различен број на конзоли и вкупно 176 штедливи светилки, а изведена е и комплетна семафоризација на крстосниците со улиците Трета Македонска Бригада и Првомајска. Со бехатон плочки се покриени тротоари и велосипедски патеки со вкупна површина од 17.250 метри квадратни. По должината на трасата е уредено зеленило со површина од 12.700 метри квадратни и засадени се 910 грмушки, зимзелени и листопадни садници. За наводнување на зеленилото e изведена хидрантска мрежа со комбиниран систем на полевање, капка по капка и прскалки, со вкупна должина од 2.350 метри.

 

И покрај зацртаното бавно темпо на изградба, рокот за целосно отворање на оваа сообраќајница неколку пати се пролонгираше. На мал дел од трасата работите врз тротоарите и сигнализацијата сеуште се во тек, а се очекува да завршат до крајот на неделава. Во иднина остануваат да се пробијат уште околу 150 метри директна врска со улицата Сава Ковачевиќ, сегмент кој чека решавање на имотно – правните односи на зацртаната траса.

 

###

### ###

 

 

Форумска дискусија за овој проект » овде