На просторот на некогашното Олимписко Село на Водно, Соравиа почнува со изградба на ексклузивен комплекс кој ќе се состои од повеќе станбени објекти и еден поголем мултифункционален објект. Населбата со име „Соравиа Ресорт“, која се најавуваше веќе подолго време е инвестиција тешка 30 милиони евра и ќе се простира на над 20 илјади метри квадратни. Соравиа го купи атрактивното земјиште во 2007.
Идејното архитектонско решение за населбата е дело на Радо Инженеринг. Во прва фаза ќе се градат 6 згради со станови за продавање и мултифункционалниот објект, во кој покрај станови ќе има и ексклузивни апартмани за издавање, простор за релаксација со спа центар, кафетерија и продавници. Предвидено е првата фаза која опфаќа 80 станови/апартмани да се реализира до 2012, а целиот проект за пет години, кога вкупната бројка ќе достигне 200.
Големината на становите се движи од 75 до 190 метри квадратни, а се најавува цена од околу 1.500 евра за квадрат. Од Соравиа истакнуваат дека при изградбата ќе се применуваат највисоки стандарди во сите сфери, и дека комплексот ќе воведе нови критериуми за квалитетно домување во Македонија. Австриска Соравиа на македонскиот пазар за недвижнини е присутна од 2006. Ова е нивна втора голема инвестиција во нашата земја, а дебитираа со „Соравиа Центар“ кај ГТЦ, кој функционира од октомври 2008.
Форумска дискусија за овој проект –> овде