Претходна статија
Хипериум ги отвора вратите
Следна статија
Претставен прототипот на новите двокатни автобуси за Скопје

Нови заеми за инфраструктурата

Објавено на 15.10.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Република Македонија работи на обезбедување на кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за финансирање на крупни инфраструктурни проекти во земјава. Банката веќе има одобрено 50 милиони евра за водоснабдување и одведување на отпадни води, а во наредниот период се очекува поддршка на проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, како и дофинансирање на хидросистемот „Злетовица“. Од 1998 година досега ЕИБ во Македонија има инвестирано вкупно 330 милиони евра.


До крајот на првиот кваратал на 2011 година се очекува банката да донесе одлука за финансирање на докомплетирањето на автопатот долж Коридорот 10 во Македонија, односно реализација на делницата Демир Капија – Смоквица, на која се работи заедно со ЕУ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Се очекува финансиска подршка и за докомплетирање на железничката пруга кон Бугарија, за која ЕИБ и ЕБОР ќе изработат физибилити студија, по што меѓудругото ќе може и прецизно да се утврди уште колку средства се потребни за заокружување на проектот. Физибилити студија за гасификацијата на земјава е веќе доставена до ЕИБ на разгледување, а учество на ЕБОР се најавува и во овој случај. По повлекувањето на Јапонците, од ЕИБ има потврда и за финансирање на втората и третата фаза на „Злетовица“, што ќе овозможи профитабилност на хидросистемот и подмирување на задолжувањата. Покрај овие најави, разгледана е и можноста за подршка на приватниот сектор кај обновливите извори на енергија, поконкретно за финансирање мали хидроелектрани и слични проекти.


Денес беше потпишан и најавениот договор за задолжување на Република Македонија кај ЕБОР во вредност од 17,6 милиони евра, средства кои ќе бидат искористени за реконструкција на четири делници на пругата од Коридорот 10, со вкупна должина од 53 километри. Се работи за делниците Табановце – Куманово, Миравци – Смоквица, Згрополци (Ногаевци) – Градско  и Градско – Неготино. Рокот на отплата е 15 години, со грејс период од 3 години и каматна стапка од еуролибор плус еден процент, што во моментов изнесува околу 2 проценти. Градежните работи треба да почнат во 2011 година и да финишираат во 2013 година. Покрај овие средства ЕБРД обезбеди и грант од 1,2 милиони евра, а ја разгледува и можноста за финансирање на хидроелектраната „Бошков мост“. При потпишувањето на договорот, вицепремиерот Владимир Пешевски искористи можност да соопшти дека Владата во соработка со странски компании во моментов работи на изградба на голем логистички центар во зоната на вкрстување на коридорите 8 и 10.