Општина Крива Паланка бара идејно-архитектонско урбанистичко решение за градскиот плоштад „ВМРО“. Идниот јавен простор е ќе биде лоциран во централното градско подрачје. Од локалната самоуправа бараат оригиналност и репрезентативност на архитектонскиот концепт, како и современ третман на просторот. Доставените идејни решенија на конкурсот треба да се карактеризираат со креативност и инвентивност во пристапот на обликување, како и вклопување на понудениот труд во препознатливоста, естетскиот амбиент и симболичноста на градот.
Авторите и архитектонските студија имаат рок до 11 мај за да ги достават своите дела. За избор на трите најдобри труда е формирана жири-комисија во состав: Стевче Ристевски, Кире Велески, Блашко Димитровски, Иван Велиновски и Добривој Николовски. Локалните власти планираат да доделат прва награда за најсоодветниот архитектонски труд во износ од 60.000 денари, втора награда во висина од 40.000 денари и трета награда во нето-износ од 20.000 денари.