Наместо расправа за предложениот урбанистички план за скопската населба Острово, жестока караница помеѓу револтирани граѓани и службениците од Општина Аеродром на денешната јавна презентација на урбанистичката документација. Како што јавува „Плусинфо“, преку 50 граѓани во просториите на месната заедница Острово негодуваа поради изградбата на нови згради во нивното маало. Општинските власти од Аеродром стојат на ставот дека само три нови објекти се вцртани во предложениот ДУП, додека останатите маркички биле предвидени и во претходните урбанистички планови, но не биле изградени до денешен ден. Новопредвидените објекти вклучуваат изградба на станбени згради и образовен објект.
* Нов станбен објект со висина од 30 метри е планиран на зеленилото кај „Мајчин дом“
Гневните граѓани денеска обвинија дека Општина Аеродром не предвидела нови зелени површини и објекти за спорт и рекреација, туку единствено станбени згради кои ги има веќе премногу во самата населба. „Дали водевте сметка да не се загуши протокот и на она малку воздух што го има од Вардар? Од прееска се обидувам да ви го поставам истото прашање“, реагираше еден од присутните кон службеничките од Општина Аеродром. Граѓаните се загрижени за еколошката состојба во населбата Острово, која и во моментов се соочува со проблем поврзан со аерозагадувањето.
Општинските службенички одговорија на само дел од поставените прашања. Предложениот урбанистички план е во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, додека земјиштето на кое ќе се градат станбени згради се наоѓа во приватна сопственост. Властите од Општина Аеродром на јавната презентација соопштија дека и понатаму ќе останат парцели наменети за зелени површини. Според нивните информации, предложениот ДУП за населбата Острово ќе биде изложен во месната заедница до 27 март, а граѓаните ќе можат да поднесат анкетен лист со свои коментари и идеи во врска со урбанистичката документација.
Гневните граѓани планираат да се организираат за да го спречат донесувањето на новите урбанистички планови во Општина Аеродром. Тие најавија протести против предложените измени, по теркот на веќе организираните јавни собири во скопската населба Карпош 4. Пред една недела, опозициската партија ЛДП најави дека четириесетина згради ќе се изградат во населбата Острово, како и на потегот од Ново Лисиче до Долно Лисиче. Опозиционерите ја обвинија Општина Аеродром дека ги доставила предложените ДУП-ови пред почетокот на општинската седница, без можност сите советници да извршат увид во предложените измени на урбанистичката документација.