Уште една скандалозна одлука на Град Скопје во врска со рефасадирањето на објектите во центарот на Скопје. Со само еден доставен архитектонски труд на распишаниот Конкурс, градските власти одбраа победничко идејно решение за реконструкција на постоечката фасада на објектот „Ибни Пајко“. Ова маркантно здание на плоштадот „Карпошово востание“ е изградено во 1938 година, според проектот на архитект Михо Чакеља. Нема објаснување зошто овој вреден архитектонски споменик на главниот град ќе мора да биде вклучен во владиниот проект „Скопје 2014“. Процесот на „барокизација“ на објектот „Ибни Пајко“ ќе се реализира врз основа на идејното решение на авторите Лазар Димов и Никола Стакинов, кои се стекнале со награда во од 93.750 денари.
* Архивска фотографија од објект „Ибни Пајко“ пред Втората светска војна
Според податоците од Бирото за јавни набавки, градските власти ќе го променат изгледот на уште четири згради долж улицата „Димитрие Чуповски“. Станува збор за објектите со број б.б. 002, 1, 1а и 21. Идејни решенија во „барок“ стил за сите овие градби доставил авторот Жарко Чаушевски, кој истовремено и победил на архитектонскиот Конкурс. Архитектонската награда поделена во четири дела е во вкупна вредност од 125.000 денари. Официјалната жири – комисија која одлучувала за двата Конкурса не е објавена, иако нормалната практика бара јавно изјаснување на нејзините членови во однос на доставените решенија.
Македонските архитекти подолго време го бојкотираат учеството на оние конкурси што се составен дел од владиниот проект „Скопје 2014“. Граѓаните до денешен ден не се запознаени со изгледот на десетици згради од центарот на Скопје, меѓу кои и административната зграда за новата Народна банка. Причините поради кои се рефасадираат сите овие објекти официјално не се соопштени.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk