Фрапантни 35,6 милиони евра е проценето дека ќе чини новата административна зграда на Народната банка на Република Македонија, која е предвидено да се гради на местото на сегашниот парк до Министерството за надворешни работи [»мапа]. Централната банка објави тендер вреден над 1,8 милијарди денари без вклучен ДДВ, со кој ќе се издигне уште еден „барокен“ објект, со што треба целосно да се покрие погледот кон објектот на Македонската опера и балет. Новата содржина од владиниот проект „Скопје 2014“ ќе се гради врз основа на идејното решение на авторите Никола Стакинов и Лазар Димов. Основниот проект за новата тура „барок“ во центарот на Скопје ја изготви проектантската фирма „ЛОУ ТЕК“.
* Паркот на чие место ќе се гради објектот на Народна банка
Тендерот за избор на компанија што ќе ја гради административната зграда е отворен до 30 март, за кога е закажано и јавното отворање на пристигнатите понуди. Од Народната банка денеска не излегоа со соопштение за да ги објаснат причините поради кои треба да се гради ново седиште на оваа институција. Како што е општо познато, централната банка ја има една од најмодерните и неодамна реконструирани згради, лоцирана на булеварот Кузман Јосифовски – Питу.
* Објектот на НБРМ беше реконструиран пред неколку години
Истовремено, од централната банка во изминатиот период не објаснија што ќе се случува со единствениот парк што остана во Мал Ринг на левата страна на реката Вардар. На постоечката зелена површина, во моментов се наоѓаат 20-тина дрвја. На нивно место, Народната банка планира да изгради објект со приземје и седум ката. Според информациите од базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, владината намера за целосна промена на изгледот на Скопје досега ги чинеше граѓаните над 634 милиони евра, без притоа да биде вкалкулирана вредноста на новата зграда на Народната банка.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk