Претходна статија
Граѓаните се свртија кон градскиот превоз, таксистите со помалку работа
Следна статија
Започна со работа откупниот центар за јаболка во Ресен

Потписи за зачувување на зеленилото во Карпош 4

Објавено на 21.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Жителите на скопската општина Карпош започнаа граѓанска иницијатива за собирање потписи против донесувањето на Деталниот урбанистички план за населбата Карпош 4, со кое тие стравуваат дека ќе биде уништено зеленилото околу нивните згради. Иницијаторите ги повикуваат граѓаните во периодот до 30 септември да се потпишат за поддршка на сопирањето на процедурата за усвојување на ДУП-от. Тие ги повикуваат граѓаните да ја посетат Државната изборна комисија во Карпош, во периодот од 8:30 до 16:30 часот, за да се потпишат против уништувањето на зеленилото во населбата. За да успее оваа граѓанска иницијатива, неопходно е во наредните денови да се потпишат минимум 6.001 жители на општина Карпош.

 

 

 

Во повикот до граѓаните објавен на социјалните мрежи се нагласува дека проблемот со предложениот урбанистички план и понатаму тлее. Тие сметаат дека предложениот ДУП треба да се врати во фаза на јавна анкета и дебата поради опасноста од сечење на дрвјата и парковите, намалувањето на циркулацијата на воздухот со новите згради и евентуалниот пад на вредноста на становите поради овие штетни последици. Со предложениот ДУП за Карпош 4, во населбата е планирано да се изградат три нови деловни објекти, три нови станбени згради, 11 надземни и осум подземни паркинзи. Жителите сметаат дека нема место за нови градби какви што се зацртани во урбанистичката документација подготвена од Општина Карпош.

 

Пред речиси еден месец, како протест против најавениот предлог – ДУП за Карпош 4 граѓаните само од оваа населба успеаја да соберат 2.542 потписи во граѓанската петиција против усвојувањето на спорниот урбанистички план.