Претходна статија
„Незнаен јунак“ ќе ја гради катната гаража кај НИП „Нова Македонија“
Следна статија
ИЗИИС го одбележува 50 - годишниот јубилеј од основањето

Се разгорува револтот на граѓаните против новиот ДУП за Карпош 4

Објавено на 19.08.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Жителите на скопската населба Карпош 4 денеска му доставија Петиција на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, во која се спротивставуваат на најавените измени на Деталниот урбанистички план. Од Заедницата на станари Вич 24 посочуваат дека уништувањето на парковите ќе го наруши спокојот и мирното живеење на жителите од оваа населба. „Сакаме да ви порачаме дека сите до еден сме против измените на ДУП-от, и нема да ви дозволиме да ни го уништите зеленилото и дрвјата, во замена за паркинзи, станбени згради и деловни простори“, наведуваат загрижените граѓани.

 

 

 

На „Фејсбук“ и на останатите социјални мрежи и во текот на денешниот ден се повикува на попладневен координативен собир во училишниот двор на ОУ „Петар Поп Арсов“. Граѓаните веќе организирале по еден станар од речиси секоја колективна зграда во населбата, кој ќе биде задолжен за собирање потписи против донесувањето на измените на ДУП-от на некоја од наредните седници на Советот на општина Карпош. Истовремено, други граѓани од населбите Карпош 3 и од Тафталиџе 1 преку социјалните мрежи најавуваат дека и тие дополнително ќе се организираат против најавените измени во урбанистичките планови од нивните населби.

 

Со своја реакција на оваа тема денеска изглегоа и од партијата ДОМ. Зелените бараат повлекување на Деталниот урбанистички план за Карпош 4 од претстојната седница на општина Карпош. „Граѓаните се со право револтирани од објавениот предлог за ДУП, зашто секој лаик може да види дека е предвидено уништување на сите, ама буквално на сите паркови и игралишта“, посочуваат од Демократската обнова на Македонија.

 

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски вчера изјави дека нема да се градат паркинзи и објекти во зеленилото во населбата Карпош 4. „Она што порачуваме е дека можат спокојно да живеат и ќе видат дека нема да биде ниту една педа зеленило одземено на граѓаните од овој дел на општината. Планот е законски и прописно направен според стандардите, и нема да има никаков проблем за граѓаните“, рече градоначалникот Јакимовски.

 

 

Бојан Блажевски