Претходна статија
Се реконструира улицата „Орце Николов“ во Центар
Следна статија
50.000 евра за довршување на санацијата на Костурницата во Велес

Просечната цена на становите во Скопје е 979 евра за метар квадратен

Објавено на 28.07.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Консултантската компанија за недвижности „Фортон Македонија“ пресметала дека продажбата на станови во Скопје во текот на првите шест месеци од 2015 година е зголемена за 30,5% во споредба со втората половина од минатата година. Во најновата анализа се наведува дека просечната цена на становите во главниот град изнесува 979 евра за метар квадратен. Највисока цена достигнуваат становите во Центар, каде што во просек метар квадратен чини 1.161 евро, во Карпош цената изнесува 1.110 евра за метар квадратен, додека во Аеродром становите достигнуваат просечна вредност од 940 евра за метар квадратен.

 

 

 

Од „Фортон Македонија“ очекуваат во наредниот период да останат стабилни цените на пазарот на резиденцијален простор. Комерцијалните банки со понудата на ниски каматни стапки е веројатно дека дополнително ќе ја зголемат конкуренцијата на пазарот на станбени кредити. Од друга страна, граѓаните при купувањето нов стан се најмногу заинтересирани за неговата цена, локацијата на објектот каде што тој се наоѓа, а дури потоа следува квалитетот на изградената станбена единица. Според анализата на „Фортон Македонија“, моменталната понуда на станови на пазарот изнесува 3.534, при што 34 отсто од изградените станбени единици останале непродадени. Прогнозите се дека до крајот на 2016 година ќе се изградат нови 4.392 станови.

 

Во периодот јануари – јуни 2015 година за 90 отсто се зголемило издавањето на деловни површини во однос на втората половина од минатата година. Трошоците за закуп на овие недвижности останале неизменети и истите се движат од 12 до 14,5 евра за метар квадратен. Од „Фортон Македонија“ во претстојниот период очекуваат зголемување на исполнетоста на деловниот простор од класа „А“, од причина што во моментов нема најави за нови комерцијални деловни проекти во претстојните година и пол.

 

Во делот на комерцијалните објекти, анализата покажува дека закупнините на дуќани во трговските центри останале стабилни во првите шест месеци од 2015 година. Задржано е нивото на закупнина од 39 евра за метар квадратен. Примарните закупнини во главните пешачки зони се стабилизирале на 30 евра за метар квадратен. Консултантската фирма очекува зголемување на малопродажниот простор во првата половина од 2017 година, со најавените отворања на два нови објекти – Emporio Mall и Cevahir Sky Citу Mall во Скопје.