Архитектите Климент Патчев, Филип Конески, Борис Јурмовски, Марјан Димиќ и Борко Георгиев ќе ја поделат првата награда од 200.000 денари на Конкурсот за избор на идејно решение за новиот Луна парк во Скопје. Овие автори со понуденото решение за просторот во Градскиот парк се победници помеѓу четирите пристигнати конкурсни трудови од домашни и од странски архитекти. Со втората награда во висина од 100.000 денари се стекнаа Бојан Муличковски, Кели Романалди, Горан Милевски, Душко Кузманов, Драгана Матова и Марко Ицев.
Жири – комисијата формирана од Град Скопје одлучи третата награда во износ од 80.000 денари да му ја додели на архитектот Мишко Самарџиевски. Успешно реализираниот избор значи дека идејата за изградба на Луна парк влегува во нова фаза, во која е неопходно да се изготви основен проект и целокупната преостаната документација. Новиот забавен парк во главниот град е најавено дека ќе се гради со финансиски средства од буџетот на Град Скопје и со помош на владата. Во претстојниот период треба да се соопштат детали околу идниот изглед на паркот, површината што ќе ја зазема, содржините на истиот и вкупниот буџет на проектот.
Бојан Блажевски