Новоизградениот кружен тек на булеварот „Партизански одреди“ кај Порта Влае денеска беше свечено отворен за сообраќај. Се работи за најголемиот кружен тек во главниот град, со дијаметар од 40 метри, односно по две коловозни ленти со ширина од девет метри, заштитна патека од 1,5 метри и средишно зеленило. Истовремено, булеварот „Партизански одреди“ е проширен до влезот во автобазата на ЈСП-Скопје. На настанот присуствуваше скопскиот градоначалник Коце Трајановски, кој рече дека новото сообраќајно решение треба да придонесе за зголемување на безбедноста во одвивањето на сообраќајот во овој дел на градот.
„Како дел од градежните работи за проширување на булеварот Партизански одреди и изградба на кружен тек извршена е реконструкција на 100 метри од улицата Ѓорче Петров и на 162 метри од улицата Ацо Шопов, на деловите што влегуваат во кружниот тек. На дел од улицата Ацо Шопов, каде што се вкрстува со булеварот Партизански одреди е изграден потпорен ѕид со должина од 58 метри и висина од 6,3 метри“, информираше градоначалникот Трајановски. За одведување на атмосферските води од новиот кружен тек е изградена атмосферска канализација во должина од 472 метри. Долж целиот потег е инсталирано ново улично осветлување, а хортикултурно е уреден и средишниот дел од кружниот тек.
Градот Скопје инвестираше вкупно 53,4 милиони денари во новиот кружен тек на булеварот „Партизански одреди“. Изведувач на градежните работи беше „Бауер БГ“, додека уличното осветлување го постави „Елтра“. Градските власти денеска информираа дека во моментов работат на подготвителните активности за вториот дел од проектот за проширување на булеварот „Партизански одреди“, и тоа на потегот помеѓу новиот кружен тек и постоечкиот кај црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.