Претходна статија
Голем интерес за изградба на куќи и хотел на Мавровското езеро
Следна статија
Седма енергетски ефикасна фасада изведена од општина Центар

Референдумот неуспешен, борбата за зачувување на ГТЦ продолжува

Објавено на 27.04.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На вчерашниот референдум за зачувување на автентичниот лик на Градскиот трговски центар излегле на изјаснување 17.655 гласачи од скопската општина Центар, односно 40,53% од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список. Според официјалните податоци на Државната изборна комисија, за задржување на постоечкиот лик на фасадата на архитектонскиот симбол на Скопје гласале 16.836 граѓани или 95,36%, додека против се изјасниле 659 жители, односно 1,51% од оние што излегле на референдумот. Во согласност со овие резултати, референдумското изјаснување се прогласува за неуспешно, од причина што на него не излегоа повеќе од половина од жителите запишани во Избирачкиот список.

 

 

 

Веднаш по објавувањето на официјалните резултати, од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ известија дека борбата за зачувување на автентичниот лик на ГТЦ продолжува и понатаму. Оттаму информираат дека овој препознатлив објект во центарот на Скопје има добиено повеќе гласови од сите политичари и политички партии што досега излегле на избори во оваа скопска општина. Веднаш по затворањето на избирачките места, Даница Павловска од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ се заблагодари на оние кои излегоа на референдумот. „Искрена благодарност кон сите кои покажаа дека ГТЦ им значи и тоа не обврзува да продолжиме и мислам дека е повеќе од обична мотивација од оваа што ја имавме. Ќе ги предвидиме следните чекори понатаму“ изјави архитектката Даница Павловска.

 

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски истакна дека ќе се залага и понатаму против реконструкцијата и надградбата на Градскиот трговски центар во барокен стил. „За мене овој референдум е прв чекор на враќање на власта кон гласачите, а јас како градоначалник ќе направам сè ГТЦ да остане како што е“, изјави градоначалникот Жерновски.

 

Причините за одржување на вчерашниот референдум во општина Центар влечат корени од пред две години. Кон крајот мај 2013 година, раководството на ГТЦ го објави победничкиот архитектонски труд на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, со кој се предвидува промена на постоечкиот изглед на трговскиот центар. Идејното решение предвидува изведба на нова барокна фасада, десетици антички столбови, доградба на третиот кат и поставување на скулптури на идната тераса од објектот. На ова решение жестоко се спротивстави Асоцијацијата на архитекти на Македонија, по што следуваа серија од граѓански протести и други активности за зачувување на постоечкиот лик на ова здание.

 

Во изминативе две години постепено се одвива постапката за „барокизација“ на Градскиот трговски центар во согласност со владиниот проект „Скопје 2014“. Основниот проект за реконструкцијата и надградбата на ГТЦ го работи студиото „Архитектоника“ од Скопје, додека консултантската куќа „Грант Торнтон Консалтинг“ веќе работи на физибилити – студија со која ќе се утврди исплатливоста од евентуалната инвестиција во „барокниот“ изглед на ГТЦ. Ако се покаже дека постои интерес за вложување во проектот од приватниот сектор, во следната фаза ќе следи распишување на постапка за воспоставување јавно – приватно партнерство за најавеното интервенирање во изгледот на Градскиот трговски центар.

 

 

Бојан Блажевски