Претходна статија
ФОТО ВЕСТ: Црквата „Св. Константин и Св. Елена“ после две и пол години изградба
Следна статија
Студентите по архитектура и утре ќе предаваат за ГТЦ

Оградата на мостот „Слобода“ ќе проголта уште 260.000 евра!

Објавено на 14.04.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

За милионската ограда на мостот „Слобода“ кај хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје ќе се потрошат дополнителни 16.000.800 денари или околу 260.000 евра. За оваа ограда со слики и мотиви од македонското културно наследство веќе се издвоија околу 1.150.000 евра од градскиот буџет во првата половина од 2012 година, но истата не е поставена на своето место до денешен ден. Градот Скопје пред еден месец потпишал договор со РЖ Институт од Скопје на име „дополнителни услуги за изработка и монтажа на заштитна ограда и канделабри согласно идејно обликовно решение за заштитна ограда и илуминација“, говорат информациите од Бирото за јавни набавки.

 

 

 

Времетраењето на склучениот договор е од дури 35 месеци, а градската власт има и образложение за целокупната постапка и за тоа што се случува со самата ограда во изминативе три години. „Потребата од промена на обликот на канделабрите е поради утврдување на начинот на нивно поставување на мостот имајќи ја во предвид постојната армирано бетонска конструкција и постојните армирано бетонски канделабри така што претставуваат основ за дополнителни услуги за леење“, се наведува во образложението. Проектната документација е променета со цел подобрување на одржување и експлоатација на мостот во целост. Извршено е подигнување на оградата и зголемување на вкупната висина на истата, со што се појавува и потребата од зголемување на висината на висечките столбови.

 

Стилската ограда на мостот „Слобода“ се работи врз основа на идејниот проект на авторите Константин Јанев и Маријан Камиловски. Покрај за кованата ограда, во изминатите години се одвоија финансиски средства за осветлувањето, санацијата на тротоарите и носечката конструкција на овој мост.

 

 

Бојан Блажевски