Кој ги фрлил своите апетити за градење во Студенчишкото блато? За најатрактивната локација од неодамна наменета за станбени згради и хотели во Охрид денеска дискутираше Советот на општината, кадешто власта и опозицијата си ги разменија своите мислења. „Блато има, тоа го покажа и студијата направена во 2011 година. И тоа не смее да се негира. Заради задоволување на нечии лични интереси ние ќе уништиме нешто што е од непроценливо значење за градот и за езерото“, изјави советникот Дејан Блажевски од опозициската партија ЛДП.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски потсети дека македонската влада уште во 2012 година донела Законот за управување со природното богатство во охридскиот регион и воопшто не постапила по тој закон. „Граѓаните на Охрид многу добро ја знаат историјата на Студенчишкото блато и ние не можеме да одговараме дали постои или не постои блато“ истакна Јован Стојаноски. И дел од советниците на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се заложија за заштита на Студенчишкото блато. „Никој ниту од мојата партија или било кој друг не може да ме убеди дека остатокот од Студенчишкото блато не е во функција“, изјави советникот Дејан Пановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти ваквиот став, дел од стручната јавност што денес беше присутна на општинска седница имаше поинакви ставови во однос на ова прашање. Ленче Локоска од Хидробиолошкиот завод во Охрид изјави дека можеби има, а можеби и нема блато на потегот кај каналот Студенчишта. Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески истакна: „Среќни сме што нашето делување во овие две години успеа да ги отвори видиците и еднаш засекогаш да ја надминеме бариерата дека на тој простор има функционален систем, блато во кое живее жив свет и е природен филтер на езерото“.
Урбанизацијата на Студенчишко блато во изминатиов период предизвика жестоки реакции помеѓу охридската јавност. Пред два дена против идејата за носење на нови урбанистички планови долж крајбрежјето на Охридското езеро се изјаснија месните заедници од Лагадин, Пештани, Љубаништа, Рача, Коњско, Далјан/Воска и Манастирот Св. Наум Охридски од Дебарско – Кичевската Епархија на МПЦ. Во Нацрт – извештајот за стратегиска оценка на Градежниот институт „Македонија“ е посочено Студенчишкото блато да се користи за едукативна намена, напоменувајќи дека локалитетот може да ја збогати туристичката понуда во градот. Во Интегрираната студија од јануари 2012 година, Студенчишкото блато е вреднувано како природен феномен на кој е забрането да се гради било каков објект.
И додека траат жестоките полемики во јавноста, Општина Охрид објави дека е изработен архитектонско – урбанистички проект за Студенчишкото блато. На овој атрактивен простор е предвидено да се гради нова луксузна населба, веќе е започната изградбата на ново шеталиште покрај езерото, а со помош на државата е замислено на оваа локација да се гради марина и нова песочна плажа. Со сите овие објекти, планирано е целосно да се урбанизира овој простор.