Претходна статија
Струмица ја проширува гасоводната мрежа
Следна статија
Се продава земјиште за изградба на хотел и куќи на Мавровското езеро

Нова „бомба“ за парцелите на Водно

Објавено на 23.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев денеска објави нова серија на прислушкувани разговори, со кои како што тврди тој, се докажува дека македонскиот премиер Никола Груевски поседува имот на Водно вреден 17 милиони евра. Лидерот на македонската опозиција презентираше шест аудио снимки, во кои се слуша гласот на премиерот Никола Груевски и на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. „Во нив Груевски договара каде и колкава ќе биде парцелата на Водно за која што бара да се прошири, се интересира за највисоката точка, никој да нема зад него, тргува со парцели“, изјави Зоран Заев.

 

 

 

Како што истакна лидерот на опозицијата, во телефонските разговори се зборува дека токму Никола Груевски е сопственик на земјиштето на подножјето на Водно, како и дека измените во ДУП Капиштец – Водно и во Генералниот урбанистички план се прават во режија на Миле Јанакиески, и како што наведува лидерот на СДСМ, му служат на личниот интерес на премиерот. „Ако ова не е Никола Груевски, тогаш кој е? По налог на Груевски зеленилото и рекреативните појаси на скопјани на Водно станале градежно земјиште“, истакна Заев.

 

 

 

На објавените аудио снимки на лидерот на опозицијата реагираа од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. „Наводите кои се обиде Зоран Заев да ги конструира во денешната прес – конференција се чиста манипулација и невистина. Бомбастичните најави за креирани разговори се само доказ дека и Зоран Заев е свесен за своите манипулации. Го потсетуваме Зоран Заев дека за истите конструкции беше испратено официјално соопштение од страна на Владата на Република Македонија, во кое јасно беше одговорено дека Никола Груевски не поседува никаков друг имот надвор од оној кој е пријавен во неговиот анкетен лист, а кој е и јавно објавен. Ваквите наводи на Заев и тогаш и сега се целосно измислени и невистинити“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Пред една и пол недела, претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги објави првите аудио снимки за менување на урбанистичкиот план Капиштец – Водно во скопската општина Центар, во кои според опозицијата, лично се слуша како премиерот Никола Груевски говори за менување на урбанистичкиот план.