До крајот на 2015 година целосно ќе биде реализиран проектот за санација на Споменикот на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко, предвиден со програмата на Министерството за култура. Националниот конзерваторски центар во изминатиот период реализираше повеќе активности кои беа во насока на зачувување на ова значајно спомен – обележје кое е симбол на Велес.
* Извор на фотографии: Министерство за култура
Беа изведени и превентивни активности за елиминирање на прокиснувањето, кое како проблем се провлекува долги години. Исто така, извршено е интервентно санирање на екстериерот, промена на оштетените делови и поставување на нов плеклиглас, соопштуваат од Министерството за култура. Спомен – костурницата во Велес е еден од најголемите споменични комплекси во Македонија, изграден во периодот 1979/1981 година во чест на загинатите борци во НОВ и жртви на фашистичкиот терор од овој регион. Во 1981 година објектот е ставен под заштита како споменик на културата од прва категорија.
Автори на скулптурно – архитектонското решение се Љубомир Денковиќ и Саво Суботин, а современиот македонски сликар Петар Мазев е автор на импозантните мозаични композиции кои се наоѓааат во внатрешноста на објектот.