Претходна статија
Охрид подготвен за изградба на променадата
Следна статија
Се продаваат локации за изградба на винарии во неготинскиот регион

„Барокот“ на ГТЦ не чека!

Објавено на 14.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски денеска ја избра консултантската куќа што ќе треба да изготви физибилити – студија за да се утврди колкав е интересот од потенцијални инвеститори за вложување во реконструкција и надградба на Градскиот трговски центар во Скопје. Документот треба да ја утврди исплатливоста на најавеното вложување во „барокизација“ на еден од најпознатите архитектонски белези на Скопје. На тендерот учествувале две компании, а за најповолен понудувач е прогласен „Грант Торнтон Консалтинг“.

 

 

 

Македонските граѓани за физибилити – студијата преку државниот буџет ќе платат 6.000.000 денари, или над 95.000 евра. Документот ќе се изготви во период од 12 месеци, при што е планирано истиот да биде завршен најдоцна до февруари 2016 година. По оваа фаза, ќе се донесе одлуката дали ќе се пристапи кон изведба на проектот за рефасадирање на трговскиот центар, односно кој модел за инвестирање ќе се избере. Најновиот договор на Министерството за транспорт и врски доаѓа само два дена по одлуката на Уставниот суд, со која се потврди законската основа за доделување градежни дозволи за надградба, доградба и реконструкција на поважни објекти во главниот град од страна на Градот Скопје.

 

Најавената „барокизација“ на ГТЦ се одвива по комплетираниот основен проект на бирото „Архитектоника“ од Скопје, кој беше подготвен според победничкиот архитектонски труд на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Планираните антички столбови, скулптури и „барокна“ фасада ги разгневија македонските архитекти, а граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ во континуитет реагира со протестни активности против уништувањето на маркантното градителско дело.

 

 

Бојан Блажевски