На местото на некогашната сапунара „Цветан Димов“, на влезот во скопската населба Кисела Вода, ќе се гради барокна станбена зграда со висина од дури 18 ката. Пред да започне изградбата на објектот, неговото фасадно обликување ќе мора да го одобри посебна Комисија формирана од страна на градоначалникот на општина Кисела Вода. Од барокниот архитектонски стил ќе зависи издавањето на одобрение за градење на објектот со максимална висина на венец од 57,5 метри. Локалната самоуправа денеска успеа да ја продаде градежната парцела со површина од 4.403 метри квадратни, на која е предвидено да се издигне замисленото барокно здание. Најповолниот понудувач за атрактивното земјиште ќе плати 29.570 денари од метар квадратен, односно за целата парцела е предвидено да одвои 130.196.710 денари или околу 2,1 милиони евра.
Купувачот на примамливото земјиште засега не се соопштува во јавноста. Тој најпрво е должен да ја уплати целокупната сума за планираната локација, по што ќе се потпише купопродажниот договор. Во рок не подолг од 15 дена од завршувањето на постапката за јавно наддавање, најповолниот понудувач ќе мора пред склучувањето на договорот да достави банкарска гаранција за навремено и квалитетно завршување на градежните работи во износ од 20.000 евра. Пред да започне со реализација на проектот, инвеститорот е должен на свој трошок да ги сруши постоечките три објекти на локацијата, меѓу кои е и поранешната сапунара „Цветан Димов“.
Идното барокно здание ќе има варијабилна висина, и тоа со минимална катност од приземје, седум ката и поткровје до максималната висина, која е предвидено да изнесува приземје, седумнаесет ката и поткровје. Вкупната развиена површина на објектот е зацртана на 42.517 метри квадратни. Покрај станбени единици, во идната зграда се предвидени и деловни простории како компатибилна класа на намена. Рокот за издавање на градежната дозвола е 9 месеци по солемнизацијата на купопродажниот договор, додека изградбата на објектот треба да се комплетира во временски период од 10 години.
Бојан Блажевски