Државата продава земјиште кај локалитетот Горица на охридското крајбрежје, предвидено за изградба на хотел. Парцелата е со големина од 15.878 метри квадратни, а урбанистичкиот план предвидува максимална површина за градење од 6.667 метри квадратни и бруто развиена површина од 29.343 метри квадратни. Услов за потенцијалните инвеститори е хотелот да има пет ѕвездички. Јавното наддавање ќе се одржи во Министерството за транспорт и врски на 10.08.2010, а рокот за пријавување е 30.07.2010. Почетната цена изнесува 5.400 денари за метар квадратен.
Државата прави повторен обид да продаде и земјиште наменето за хотелски комплекс во Кратово. Деталниот урбанистички план предвидува изградба на објект со приземје и три спрата, висок 13,6 метри. Парцелата е со големина од 1.657 метри квадратни, додека површината за градба изнесува 887 метри квадратни. Пријавувањето на заинтересираните ќе трае до 29.07.2010, а наддавањето е закажано на 06.08.2010. Почетната цена за квадрат како и при минатиот обид изнесува 3.200 денари.