Претходна статија
Свечено отворена новата градска плажа
Следна статија
Се бараат инвеститори за изградба на хотели во Охрид и во Кратово

Предложени измени и дополнувања на Законот за градење

Објавено на 28.06.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски изготви и до Собранието на Република Македонија достави предлог измени и дополнувања на Законот за градба. Тие се резултат на мерките за унапредување на казнената политика и четвртиот пакет анти-кризни мерки кои Владата ги усвои во март, а имаат за цел појаснување на одделни одредби, скратување на процедурата за ставање на објектите во употреба и вградување на мерките кои се однесуваат на санкционирање на прекршителите на Законот.


Измените предвидуваат одобрение за употреба на градбите и вршење на технички преглед од страна на комисија да се издава само за градбите од прва и втора категорија, додека останатите градби да се ставаат во употреба врз основа на извештај за извршен технички преглед од надзорниот инженер, односно правно лице лиценцирано за вршење на надзор при изградбата. Извештајот ќе се доставува до соодветната општина која го издала одобрението за градење заради евиденција, а извештај со проект на изведена состојба и геодетски елаборат ќе се доставува до Агенцијата за катастар на недвижности заради запишување на правото на сопственост на објектот.


Со  измените исто така се предлага како урбана опрема да се сметат и типски објекти за вршење на туристички, културни и спортско рекреативни дејности, а се врши и допрецизирање на одредбите со кои е регулирано дека и странски правни лица, под услови утврдени во законот, под исти услови како и домашните правни лица, можат да учествуваат во постапка за градење на градби. Имено, со предложениот закон се предвидува: “Странско правно лице да може во Република Македонија да ги врши работите на проектирање, ревизија, изведување и надзор пропишани со овој закон доколку добие потврда за вршење на наведените работи од органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа за уредување на просторот. За добивање на потврда, правното лице од држава која е членка на Европската Унија треба да достави барање и докази со кои се потврдува дека лицето е регистрирано за вршење на соодветната дејност во земјата во која има седиште и дека има дозвола односно лиценца за вршење на соодветните работи за видот на градбата, за кои бара потврда, а правно лице од држава која не е членка на Европската Унија, треба да достави и листа на извршени работи. Врз основа на доставените докази, органот на државната управа надлежен за вршење на работите за уредување на просторот, ќе издаде потврда кои работи согласно овој закон, странското правното лице  може да ги врши во Република Македонија. За вршење на овие работи странското правно лице е должно, во Централниот регистар на Република Македонија да регистрира подружница или правно лице.“


Се предлага и значајна измена која се однесува на инфраструктурните линиски градби за кои согласно Правилникот за стандарди и нормативи за планирање не се формира градежна парцела, заради што во постапката за добивање одобрение за градење за оваа инфраструктура не се издава акт за регулациона, градежна и нивелациона линија. Исто така со измените се пропишува дека инвеститорот го доставува одобрението за градење до органот што ја води јавната книга за запишување на правата на недвижности во рок не подолг од шест месеци по неговата правосилност. Со постојните решенија ова е обврска на општината.


Во останатите одредби во Предлогот на законот се извршени измени заради разграничување на дејствијата предвидени како прекршоци со законот и тоа во зависност која категорија е градбата. Исто така, пропишани се прекршочни санкции за лицата кои ќе постават урбана опрема – тераси со или без настрешници и покриени или непокриени шанкови, без одобрение за поставување на урбана опрема или спротивно на одобението за поставување. За прершување на овие одредби се предвидени санкции со глоба во износ од 5.000 до 7.000 евра во денарска противвредност која ќе му се изрече за прекршок на правно лице доколку постави урбана опрема – тераси со или без настрешници и покриени или непокриени шанкови, без одобрение за поставување на урбана опрема или спротивно на одобението за поставување, како и  глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице, односно глоба во износ од 4.000 до 6.000 евра за физички лица – трговци поединци.


Предвидени се санкции и за изведувачите – правни лица, ако при изведување на градби не водат градежен дневник и градежна книга за изведените градежни работи, не состават писмен извештаај за изведените работи, не го означат со информативна табла градилиштето, привремено зафатат за потребите на градилиштето јавна сообраќајна површина без дозвола, не ги отстранат од градилиштето непотрошените градежни и други материјали, отпадот и слично и доколку не ја поседуваат соодветната документација на градилиштето, предвидена со Законот за градење. За изведување на градбите од прва, втора и трета категорија, пропишаната глоба за прекршување на овие одредби е во износ од 5.000 до 7.000 евра во денарска противвредност, а за изведување на градби од  четврта и петта  категорија глобата е во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност.