По најавата дека приватен инвеститор ќе го реконструира и надгради Градскиот трговски центар во Скопје, граѓанскиот сектор и архитектонската фела ја продолжуваат битката за зачувување на изворниот концепт и дизајн на овој маркантен објект. Според информациите на порталот „НОВА ТВ“, во текот на декември ќе се одржат неколку настани во склоп на граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Во име на опстојувањето на автентичноста на ГТЦ, во четврток на 4-ти декември ќе се одржи прес – конференција за запознавање на јавноста со натамошните активности на иницијативата „Го сакам ГТЦ“.
* Граѓаните и архитектите дадоа масовна поддршка на собирите од минатата година
На 5-ти декември е планирано да се одржи средба на волонтери во Мобилната Галерија во Паркот на франкофонијата, додека голем протестен собир за зачувување на архитектонскиот симбол на Скопје ќе се одржи на 28 декември. Претходно, предвидено е да се реализираат и серија на други активности. Главна причина за повторно активирање на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ е најавата за промена изгледот на трговскиот центар. Архитектонското биро „Архитектоника“ ја привршува изработката на основниот проект, со кој се предвидува изведба на „барокна“ фасада, антички столбови, скулптури, делумно затворање и надградба на објектот за уште еден кат.
Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ досега одржа серија на активности, а централен настан беше заедничкото гушкање на Градскиот трговски центар од страна на архитектите и на граѓаните во јуни 2013 година. Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) се појави како иницијатор на активизмот, кој беше поддржан од македонските интелектуалци и од невладиниот сектор.