Претходна статија
Дел од улицата „Аминта Трети“ наскоро со нов лик
Следна статија
„Јужен поток“ или „Трансјадрански гасовод“, прашањето е сега

Кружните текови на „Туристичка“ во Охрид конечно реалност?

Објавено на 05.11.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески денеска обелодени проект за изградба на пет кружни текови по целата должина на булеварот „Туристичка“. Идентично како и најавата на неговиот претходник Александар Петрески во 2012 година, ветувањето е дека ќе се реализираат кружни текови на крстосниците на најважната сообраќајница во градот со улиците „Бистрица“, „Македонски просветители“, „Абас Емин“, „Јане Сандански“ и „Стив Наумов“. Локалната самоуправа пред две години веќе изгради еден кружен тек помеѓу булеварот „Туристичка“ и улицата „АСНОМ“ кај спортскиот комплекс „Билјанини извори“.

 

* Локациите за градење на кружните текови долж булеварот „Туристичка“

 

 

Новите сообраќајни решенија ќе почнат да се реализираат во март или април 2015 година, и тоа со финансиски средства од Светска банка и од буџетот на општината. „Двата кружни текови кои ќе бидат на улица „Туристичка“ ќе ги изградиме со средства од Светска банка. Едниот е на раскрсницата на која се пресекуваат улиците: „Туристичка“ и „Бистрица“. Другиот кружен тек ќе биде на раскрсницата помеѓу „Туристичка“ и „Македонски просветители““ изјави градоначалникот Бакрачески, но не ја обелодени финансиската вредност на проектот. Замислата за промена на семафорското решение на главната сообраќајница во Охрид е тема за која локалната самоуправа дискутира веќе неколку години, но сепак нема конкретна реализација на терен. Булеварот „Туристичка“ со постоечкиот начин на функционирање продуцира сообраќаен метеж, кој е особено голем во екот на летната туристичка сезона кога се создаваат долги колони од возила.