Претходна статија
Тендер за реконструкција на автопатот Смоквица - Гевгелија
Следна статија
Во „Дрисла“ се гради нова постројка за третман на индустриски отпад

Гази Баба бара архитектонско решение за новата општинска зграда

Објавено на 21.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Старата идеја за изградба на зграда за администрацијата на Општина Гази Баба влегува во нова фаза. Објавен е Конкурс за избор на идејно решение за идната општинска зграда, која е планирано да никне на местото на постоечките бараки покрај булеварот Александар Македонски во населбата Автокоманда [»мапа]. Според Деталниот урбанистички план, објектот ќе може да зафати најмногу 70% од парцелата која има површина од 6.780 метри квадратни и ќе може да има приземје и 15 ката, со максималната висина до венец од 55 метри. Максималната можна бруто површина на идниот објект би била 47.460 метри квадратни.

 

Во повикот се наведува дека архитектонските трудови ќе се оценуваат врз основа на три критериуми: оригиналност, креативност и инвентивност (40 бода), функционалност (30 бода) и естетика (30 бода). Општина Гази Баба на авторот на најуспешното идејно решение ќе му додели прва награда во висина од 60.000 денари, втората награда изнесува 40.000 денари, а третата 20.000 денари. Заинтересираните архитекти треба да ги достават своите трудови најдоцна до 17 ноември.

 

Локалната власт во изминативе две години изнесе различни информации во врска со своите замисли за општинската зграда. Најпрво се промовираше идејата за изградба на административна зграда на општинскиот простор спроти хотелот „Континентал“ по пат на јавно – приватно партнерство. Една година подоцна, општината се одлучи да продава земјиште за изградба на два различни објекти, и тоа еден во кој би се сместиле нејзините административци, додека вториот би бил наменет за комерцијално – деловни дејности.