Претходна статија
Се продава земјиште за изградба на трговски центар во Илинден
Следна статија
Сите податоци за недвижностите ќе бидат достапни на едно место

ФОТО ВЕСТ: За туристите барокни фасади, за станарите кошмар и ужас

Објавено на 11.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градот Скопје деновиве ја започна реализацијата на проектот за менување на надворешниот изглед на неколку објекти на улиците „Никола Вапцаров“, „Македонија“ и „Димитрија Чуповски“ во строгиот центар. Врз основа на веќе склучените договори за изведба на барокни фасади на 14 зданија, ангажираните градежни компании „Трансмет“ и „Бауер БГ“ од Скопје и „Пелагонија“ од Гостивар почнаа да ги поставуваат фасадните скелиња и да работат. Како што е веќе познато, градската управа за да го спроведе овој дел од проектот „Скопје 2014“ ќе потроши над 200 милиони денари или околу 3,2 милиони евра, и тоа само за оние згради што во моментов се работат.

 

###

###

 

 

Со градежниот зафат е предвидено да се санираат единствено предните страни од објектите, кои гледаат кон улиците од центарот на Скопје. Екипа на „Билд“ забележа дека задните страни од овие згради на улиците „Никола Вапцаров“ и „Димитрија Чуповски“ се наоѓаат во катастрофална состојба. Некои делови од објектите се наоѓаат во рушевини, на други зданија им се рони дотраената фасада, додека на голем дел од нив можат да се видат дамки од влага. Некои од станарите на овие згради, кои инсистираа да останат анонимни, се незадоволни од фактот што се реконструира само едната страна од нивните објекти, додавајќи дека постоечките фасади се наоѓаат во очајна состојба. Тие се прашуваат кој ќе ја санира задната страна од зградите, ако се земе во предвид дека за спроведување на мерките за енергетска ефикасност е задолжително да се реконструира целокупната надворешност на објектите.

 

###

###

###

 

 

Покрај станбените згради, во претстојниот зафат на градската администрација се вклучени и неколку деловни објекти, во чии простории се сместени големи градежни компании, политички партии и дневни весници. Останува нејасно од кои причини им се дава ист третман на станбените згради и на деловните зданија, кога станува збор за зафат што се финансира од градскиот буџет. Идејните решенија за идните барокни фасади ги изработија архитектите Жарко Чаушевски и Звонко Ставрески, кои и претходно учествуваа како автори на објекти и на фасади од проектот „Скопје 2014“.