Туристичкиот комплекс во охридското село Љубаништа останува на агендата на реализација на македонската влада. Индискиот бизнисмен Субрата Рој се откажал од инвестициите во туристички објекти на делот од црковното земјиште кај манастирскиот комплекс „Свети Наум“ во Охрид. Од претставништвото на „Сахара груп“ во Македонија во изјава за телевизијата „24 Вести“ велат дека индискиот милијардер се откажал од ова земјиште од религиозни причини, штом дознал дека истото е во сопственост на Македонската православна црква (МПЦ). Сепак, реализацијата на останатиот дел од планираниот туристички комплекс ќе продолжи, иако постојат административни процедури што треба да се комплетираат пред неговата изградба.
И додека инвеститорот се откажува, државата во ист момент се одлучи да го одземе од МПЦ ова градежно земјиште со површина од 18 хектари. Министерството за финансии понудило експропријација на земјиштето по цена од 2 евра за метар квадратен, но донесеното решение е одбиено од црковните власти и истото е обжалено пред Уставниот суд. По завршувањето на годишните одмори треба да се очекува и донесувањето на одлуката во однос на оваа тужба на МПЦ против владиниот потег.
Без разлика дали сака да гради или не Субрата Рој, македонската влада силно ја турка идејата за изградба на туристички комплекс во Љубаништа. Покрај потегот за одземање на црковното земјиште, веќе е комплетирана урбанистичко – планската документација за овој простор, а земјиштето е пренаменето од земјоделско во градежно. На почетокот на годинава беше презентирана и Студијата за влијанието врз животната средина од туристичката развојна зона „Љубаништа 1“.
Во атарот на селото Љубаништа, владата планира да гради три туристичко – развојни зони – Љубаништа 1, 2 и 3. Во насока на остварување на оваа идеја, веќе се ангажирани консултанти за изработка на физибилити – студија и мастер план, документи што ќе бидат готови најдоцна до мај 2015 година. По нивното изготвување, очекувањата се дека владата ќе ги понуди овие локации на заинтересираните странски инвеститори.