Граѓаните на скопски Центар кои ќе купат нов велосипед во наредниот период ќе можат да побараат субвенција од Општината во висина од 3.000 денари. На предлог на градоначалникот Андреј Жерновски, Советот на општина Центар утре треба да ја донесе одлуката за субвенционирање на жителите што ќе се одлучат на овој потег. По донесувањето на одлуката, во медиумите и на веб – страницата на локалната самоуправа ќе биде објавен оглас за добивање субвенции. Откога ќе го купат велосипедот, граѓаните со постојано место за живеење во општина Центар ќе треба да достават фактура и фискална сметка за извршената набавка. Со годинешниот буџет е предвидено да се субвенционира купувањето на 750 велосипеди, за што ќе бидат одвоени финансиски средства во износ од 2,5 милиони денари.
За избегнување на евентуалните злоупотреби на проектот, секој граѓанин на општина Центар ќе има можност еднократно да ја искористи финансиската поддршка во износ од 3.000 денари. Ако постои интерес од граѓаните, локалната власт ќе продолжи со давањето субвенции за нов велосипед и во текот на наредната година. Целта на проектот е да се зголеми свеста кај граѓаните за користење на велосипедот како превозно средство, со што ќе се забрза сообраќајот во центарот на градот, но и ќе се намали проблемот со наоѓање слободен паркинг во овој дел од Скопје.