Претходна статија
Гранит ќе го гради новиот Кривичен суд во Скопје
Следна статија
Мал Ринг сепак под лупа на Уставниот суд

„Текнохосе“ влегува во Бунарџик

Објавено на 19.05.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Марјан Јованов и сопственикот на италјанската групација „Витило“ (Gruppo Vitillo) во чиј состав се наоѓа „Текнохосе“ (Teknohose S.p.A.), Антонио Витило, вчера потпишаа договор за закуп на земјиште во Бунарџик. „Текнохосе“ добива 2 хектари  по цена од 10 евроценти за квадратен метар годишно, на период од 50 години и со можност закупот да се продолжи за уште 45 години. Исто така се ослободува од данокот на добивка и од персоналниот данок во период од 10 години, како и плаќање на ДДВ и царини за опрема и за суровини.

 

Производството се најавува да почне наредната година во објектот што компанијата го поседува од 2008 година и кој е купен на јавен оглас од Министерството за финансии, додека за три години треба да биде изграден уште еден производствен погон.  Италјаните во Бунарџик ќе вработат 150 лица, а инвестицијата се проценува на 10 милиони евра. Групацијата „Витило“ има годишен обрт од 36 милиони евра и ова е нивна прва фабрика вон Италија. „Витило“ се занимава со производство на делови за автомобилската индустрија, хидраулични спојници под висок притисок и армирани гумени црева за поширока употреба. Како што беше првично соопштено во јануари минатата година, „Текнохосе“ со производство во Бунарџик требаше да стартува во средината на 2009. Одлагањето според Италјаните се должи на глобалната финансиска криза.