Конечно ќе бидат санирани големите оштетувања на конструкцијата на мостот „Гемиџии“ во центарот на Велес. Од државниот буџет за овој зафат се одвоени финансиски средства во износ од 33 милиони денари, односно околу 530 илјади евра. Изведувач е фирмата „Синтек“, а рокот за завршување на работите е 12 месеци. Градежните активности ќе опфатат санирање на армирано бетонската конструкција, поставување на нов асфалтен слој и изведба на нова ограда. Реализацијата на проектот доаѓа по сериозните пукнатини на конструкцијата на мостот, кои од година во година стануваа поопасни и доведоа до поставување на импровизирани метални потпирачи што го превенираат неговото целосно уривање.
Мостот „Гемиџии“ е изграден во 50-тите години од минатиот век. Овој значаен инфраструктурен објект ја премостува реката Вардар и ја поврзува левата и десната страна на градот. Долг е 172 метри, а широк 11 метри.