Ниту една компанија не доставила понуда до Градот Скопје за изградба на ветениот нов Луна парк на постоечката локација во Градскиот парк, објави телевизија „Алфа“. Со тоа пропадна уште еден обид на градската управа за пронаоѓање приватен партнер кој е заинтересиран за финансирање, дизајн, изградба, управување и одржување на планираниот комплекс со површина од 40.000 метри квадратни. Концептот за јавно – приватно партнерство се покажа како неуспешен уште при првиот тендер од ноември 2011 година. Градот засега не се откажува од реализација на проектот и оттаму напоменуваат дека навремено ќе ја известат јавноста за натамошните чекори што ќе се преземат.
Во мемоентов замислата на градските власти е забавниот парк да се реализира по принципот на јавно – приватно партнерство, во чии рамки приватниот концесионер би вложил во изградба на комплексот и со истиот би управувал во период од 35 години. Во споредба со првичните услови од пред три години, критериумите за учество на компаниите на секој нареден тендер се ублажуваа за да се најде понудувач што ќе се реши да инвестира. Висината на инвестицијата се проценува на 12 милиони евра. Ако се земе во предвид фактот дека Луна паркот во моментов се простира на површина од 25.327 метри квадратни, со евентуалната реализација на проектот, новиот забавен парк ќе заземе дел од постоечката зелена површина и патеките во Градскиот парк.