Претходна статија
Стартуваше изградбата на ТИРЗ Ранковце
Следна статија
Цените на становите во Скопје повторно одат надолу

Плоштадот „Скендербег“ ќе продолжи да се гради во јуни

Објавено на 05.02.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Општина Чаир бара проектантско биро што ќе работи на проектната документација за втората и третата фаза од изградбата на плоштадот „Скендербег“ [»мапа]. Најповолниот понудувач ќе треба да го подготви основниот проект во рок од пет месеци, врз основа на веќе изработеното идејно решение на архитектите од „Архинг Груп“. Локалните власти од Чаир во изјава за телевизија „Алсат“ од пред неколку дена најавија дека премостување на булеварот „Гоце Делчев“ до објектот на Македонската опера и балет ќе стартува во јуни годинава, за што веќе се добиени финансиски средства од државниот буџет и дадена е согласност од Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје.

 

Најпрво ќе се работи на втората фаза, која претставува и најсложен дел за изведба на плоштадот „Скендебег“. Конечната финансиска конструкција за реализирање на премостувањето ќе се знае по изборот на најповолен понудувач, етапа што ќе следи по изготвувањето на главниот проект. Се проценува дека изработката на проектната документација за втората и третата фаза ќе ја чини општина Чаир околу 450 илјади евра. Заинтересираните проектантски бироа треба да ги испратат своите понуди за учество на огласот најдоцна до 24 март.

 

По неколкумесечно доцнење поради банкротот на австриската компанија „Алпине“, првата фаза од изградбата на плоштадот „Скендербег“ заврши минатата година. Со комплетното остварување на проектот, идниот плоштад со површина од 28.674 метри квадратни ќе ги поврзе општините Чаир и Центар, но и ќе го зголеми бројот на достапни паркинг места на овој фреквентен дел од градот преку изведбата на подземниот паркинг на две нивоа кај споменикот „Скендербег“.