Претходна статија
Санацијата на железничкото депо „Лисиче“ одложена за годинава
Следна статија
Се крчка реализацијата на туристичкиот комплекс во Љубаништа

Класицистичката фасада на МЕПСО ќе чини над 10,5 милиони евра

Објавено на 10.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО) ја избра градежната компанија „Бетон“ од Штип за изведба на класицистичката фасада на својот административно – деловен објект во строгиот центар на Скопје. Како и досега, од МЕПСО повторуваат дека владиниот архитектонски стил од проектот „Скопје 2014“ ќе се примени заради подобрување на енергетската ефикасност на зградата, но притоа ќе се реализира и ентериерна реконструкција на канцеларискиот простор. За оваа цел од буџетот на државната компанија ќе бидат исплатени 650.612.485 денари односно над 10,5 милиони евра. Рокот за изведба на новата фасада на овој објект од постземјотресно Скопје изнесува 24 месеци. Основниот проект за зафатот го подготви „Неимар инженеринг“.

 

Реконструкцијата треба да почне, но МЕПСО досега не го објави архитектонскиот труд, врз чија основа ќе се изведува класицистичката фасада. Овој потег на компанијата во последно време претставува пракса и на други субјекти поврзани со владиниот проект „Скопје 2014“, како што е необјавувањето на идејните решенија за изградба на трите административни објекти кај хотелот „Бристол“, но и на промената на надворешниот изглед на десетици зданија на улиците „Никола Вапцаров“, „Димитрија Чуповски“ и „Македонија“ во централното градско подрачје.