Иако беше најавено дека реконструктивниот зафат ќе започне лани, сепак временското поместување на набавката на новите моторни гарнитури ја одложи и санацијата на железничкото депо „Лисиче“ во главниот град. Македонски железници – Транспорт денеска по втор пат распиша оглас за изработка на проектно – техничка документација за реновирање и адаптација на работилницата за одржување на железничките возила. Градежниот зафат, заедно со инсталирањето на неопходната опрема, е потребно да се реализира пред пристигнувањето на новите возови за одржување на патничкиот сообраќај. Понудите од заинтересираните компании треба да се достават најдоцна до 30 јануари, по што треба да следува изготвувањето на проектната документација во времетраење од 12 месеци.
Евалуацијата на финансиските понуди од компаниите за набавка на шест електро и дизел моторни гарнитури треба да заврши во текот на јануари, по што ќе следува изборот на најповолен понудувач од кого ќе се набават новите возови. Очекувањата се дека обновувањето на возниот парк на МЖ – Транспорт ќе заврши до пролетта 2015 година, кои треба да бидат редовно одржувани во реконструираното депо „Лисиче“.