Иако постојат несогласувања околу изградбата со Општина Центар, Град Скопје се одлучи да ја финишира постапката за изработка на основен проект за плоштадот „ВМРО“ [»мапа]. Зделката и е доделена на компанијата „Факом“, на која ќе и бидат исплатени 952.260 денари од градскиот буџет. Договорот е склучен на 25 декември, а истиот е објавен на ден пред Нова година. Скопската фирма има рок од четири месеци да го изготви основниот проект за новиот плоштад со планирана површина од 681 метри квадратни. На овој простор лоциран пред идното седиште на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во центарот на градот, треба да биде изведена фонтана и да се постави спомен – обележје.
По изработката на документацијата, треба да следи и распишувањето на оглас за избор на градежна компанија што ќе го гради плоштадот „ВМРО“. Во изминатите неколку месеци токму овој проект беше предмет на несогласувања помеѓу Градот Скопје и локалната власт од Центар. Од општината во неколку наврати напоменаа дека пред да започне процесот на градба, тие мора да издадат одобрение за партерно уредување на плоштадот. Градот Скопје во јуни годинава го направи првиот неуспешен обид за избор на фирма што ќе ја изработи проектната документација за овој зафат.