На реализацијата на трите предвидени музеи на Скопското кале Управата за заштита на културното наследство ќе работи и во текот на наредната година. Според досегашните податоци објавени на веб – страницата на Бирото за јавни набавки, во Музеите на праисторискиот, средновековниот и отоманскиот период досега се инвестирани 68.757.561 денари или преку 1,1 милиони евра. Во текот на денешниот ден беше објавен и последниот склучен договор за конзервација, реставрација и реконструкција на Музејот на праисторискиот период, проект што веќе го изведува битолската компанија „МЗТ Инженеринг“. Покрај оваа фирма, на значајната културно – историски локација веќе работат екипите на „Синтек“ од Скопје, кои се задолжени за изведба на објектот од отоманскиот период и квадратната кула број 3.
Покрај овие две зданија, во претстојниот период треба да се реализира и Музејот на средновековниот период, проект што прв започна да се гради, но истиот беше предмет на политички спор со обвинение дека истиот ќе претставува црква. Од тогашниот конфликт до денес нема никакви градежни работи за негово довршување. Според замислата на Управата за културно наследство, вредните историски артефакти пронајдени на Скопското кале ќе бидат изложени во новоизградените музеи, во чии рамки е планирано да има и продавници за сувенири, едукативни центри и простор за работилници. Тендерот за изградба на Музејот на праисторискиот период беше објавен во текот на април годинава.