Претходна статија
Откуп на земјиштето по едно евро од квадрат за легализираните куќи до 500 метри квадратни
Следна статија
РЕПОРТАЖА: Древниот Брашов со својата убавина и пркоси на денешнината

Барокни фасади и за кулите во склоп на ГТЦ

Објавено на 18.11.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Како и кај голем број од веќе реализираните зданија од владиниот проект „Скопје 2014“, архитектот Жарко Чаушевски победи и на последниот Конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на фасадите на пет објекти на улицата „Кеј 13-ти Ноември“ во центарот на Скопје. Со ваквиот потег, станува извесно дека кулите што се во склоп на Градскиот трговски центар ќе добијат барокни фасади, налик на објектите од спротивната страна на реката Вардар. Иако станува збор за централно градско подрачје на една метропола, очигледно дека архитектите веќе немаат интерес да учествуваат на Конкурси за центарот на Скопје, што може да се согледа од податокот дека до градската власт биле поднесени само два архитектонски труда за претстојната реконструкција.

 

„Билд“ денеска постави неколку прашања до Град Скопје во врска со санацијата на надворешниот изглед на овие објекти, но оттаму добивме само краток одговор. „Денес е само објавена Одлуката на жирито за избор, а повеќе детали ќе бидат познати по завршување на целосната постапка со склучување на договор“, велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје. Победничкото идејно решение засега не планираат да го споделат со јавноста, а од малиот број информации што се достапни на веб – страницата на Бирото за јавни набавки може да се добие податок единствено за финансиските средства што ќе ги добие авторот Жарко Чаушевски. Како победник на конкурсот, овој архитект се стекна со пет први награди, кои ќе му донесат финансиски средства во вкупен износ од 90.000 денари.

 

Градот Скопје веќе организираше два конкурса за избор на архитектонски труд за реконструкција на петте кули во склоп на ГТЦ. Постапката од градската управа во текот на изминатава пролет се одвиваше паралелно со процесот за избор на нова барокна фасада и надградба на Градскиот трговски центар, на која победија архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Со недонесување на ДУП „Мал Ринг“ од советниците на општина Центар пред еден месец, беше оневозможено да се оствари идејата за промена на препознатливиот лик на ГТЦ. Сепак, со резултатите од последниот конкурс на Град Скопје, на мала врата се овозможува остварување на идејата за менување на изгледот на петте кули во стилот на „Скопје 2014“, објекти што се неразделен дел на најстариот трговски центар во главниот град.