Градската власт на Скопје распиша два огласи за избор на градежни компании што ќе ги изведуваат новите фасади на постојните објекти на улицата „Македонија“, „Никола Вапцаров“ и „Димитрија Чуповски“ во строгиот центар на градот. Како што веќе беше обелоденето, предвидена е промена на нивниот надворешен изглед, во согласност со владините архитектонски стилови од проектот „Скопје 2014“. Најпрвин ќе се санираат фасадите на зградите со број 9, 12, 2-4 на „Никола Вапцаров“, оние со број 22-24 на „Димитрија Чуповски“ и на објектите со број 25, 35 и 001 на улица „Македонија“. Заинтесираните компании треба да ги достават своите понуди најдоцна до 28 ноември, кога и ќе се знае кои ќе бидат изведувачите на барокните фасади според визијата на архитектите Жарко Чаушевски и Звонко Ставревски.
И покрај изготвената проектна документација и за другите впечатливи објекти во централното градско подрачје, намерата на градската управа се одвива со потешкотии поради фактот што станарите на дел од зградите ги одбиваат изготвените решенија. Во таа насока, Градот Скопје сè уште ги нема целосно потрошено предвидените буџетски средства од тековниот буџет за интервенција врз фасадите. Сепак, целосното исполнување на нивната замисла ќе следува со новата финансиска „инјекција“ за оваа намена и во текот на наредната година бидејќи во Нацрт – буџетот за 2014 година се предвидени 1.398.373 евра за реконструкција на надворешен изглед на станбени објекти.
Основните проекти за фасадите на 23 објекти од централното градско подрачје ги изработија фирмите „Архитектоника“ од Скопје и „Проинг Љубе“ од Битола. Со нив беше склучен договор во текот на февруари годинава, додека идејните решенија што целосно ќе го променат постоечкиот изглед на центарот на Скопје беа постепено избирани во текот на 2012 година. И покрај инсистирањето на јавноста, Градот Скопје ниту еднаш досега не ги објави избраните идејни решенија и изготвените основни проекти врз основа на кои ќе треба да се изведува планираната реконструкција на фасадите.