Екипите на градежната компанија „Гранит“ од Скопје ја започнаа реализацијата на втората фаза од проширувањето на булеварот „Александар Македонски“ во Прилеп. Овој зафат вклучува изведба на сообраќајница со ширина од 15 метри, по две коловозни ленти во секој правец, средишен зелен појас, велосипедски и пешачки патеки. На трасата на потегот од бензинската станица на „Макпетрол“ до крстосницата кај некогашната фабрика „Солидарност“ во должина од 1.200 метри ќе биде поставено ново осветлување, а предвидена е изведба и на кружен тек на местото на сегашната крстосница кај фабриката „Солидарност“. За изградбата се издвоени финансиски средства во износ од 800 илјади евра, добиени преку кредит од Светската банка.
Со целосното проширување на булеварот „Александар Македонски“ во Прилеп ќе се добие поголема проточност на возила од влезот во градот, од магистралниот пат од правецот на Градско, до централното градско подрачје. Кон крајот на август годинава, беше завршена изведбата на првата фаза од проширувањето во должина од околу 800 метри и за што беа потрошени околу 30 милиони денари.