По двата неуспешни обиди во текот на минатата година, општина Карпош денеска објави нов оглас за продажба на градежно земјиште во склоп на поранешната касарна „Илинден“ за изградба на објекти за семејно домување во станбени згради и објекти за комерцијални и деловни дејности. Преку отуѓувањето на парцелите треба да се оствари долгонајавуваниот проект за изградба на новата станбена населба во овој дел од Скопје. Локалната самоуправа на домашните и на странските инвеститори им нуди 10 локации со површина од 4.294 до 23.536 метри квадратни, при што пет од локациите се наменети за изградба на комерцијално – деловни објекти, додека на останатите би се подигнале станбени згради. Вкупната површина на огласеното земјиште изнесува 103.085 метри квадратни.
Идните објекти е предвидено да бидат високи од 21 до 80 метри, односно да се издигнат станбени згради со по 4, 9 и 21 ката, како и комерцијално – деловни објекти со по 9 и 21 ката. Доколку се пронајдат инвеститори за секоја локација, тогаш во наредните години во касарната „Илинден“ би се подигнале огромни градби со површина од преку 490 илјади метри квадратни. Почетната цена за понудените парцели изнесува 6.000 денари за метар квадратен. Заинтересираните субјекти треба да достават пријава за учество на електронското јавно наддавање и доказ за уплатен депозит најдоцна до 11 ноември. Лицитацијата на земјиштето ќе се одржи на 15 ноември.
Покрај можноста за вложување од страна на домашни и странски компании, во касарната „Илинден“ треба да се оствари и ветувањето на Министерството за одбрана за изградба на 1.400 станови за решавање на станбеното прашање на припадниците на македонската армија, државна инвестиција што е планирана во рамките на проектот „АРМ мој вистински дом“.