Градската власт на Скопје го избра идејното решение на архитектите Лазар Димов и Никола Стакинов за реконструкција на фасадата на историскиот објект „Ибни Пајко“ на плоштадот Карпошово востание во центарот на градот. Архитектонската фела не била заинтересирана за учество на распишаниот конкурс, што може да се забележи од податокот дека на него учествувал само еден труд. На авторите на победничкото идејно решение им е доделена прва награда во износ од 150.000 денари. Во следната фаза од реализацијата на овој зафат ќе се распише оглас за изготвување на основен проект врз основа на првонаградениот труд. Според замислата на градската власт, во наредниот период сите постоечки зданија околу плоштадот Карпошово востание ќе добијат нов надворешен изглед. Конкурсот за избор на архитектонски решенија за реконструкција на фасадата на „Ибни Пајко“ беше објавен на средината на јули годинава.
Зданието „Ибни Пајко“ е еден од најзначајните претставници на модерната архитектура во Скопје од периодот на 30-тите години на XX век. Автор на тогашното идејно решение, врз основа на кое е изграден објектот во 1938 година, е дубровничкиот архитект Михо Чакеља. Останува нејасна причината за санација на сегашната фасада на овој објект, ако се земе во предвид фактот дека Градот Скопје веќе вложи половина милион евра за нејзина реконструкција во текот на 2004 година.