Словачката градежна компанија „Хемкостав“ (Chemkostav a.s.) од Михаловце ќе ги реконструира постоечките и ќе ги гради новите објекти во комплексот на Казнено – поправниот дом „Идризово“ во Скопје. Управата за извршување на санкции при Министерството за правда склучи договор со скопската подружница на оваа фирма, со што може да започне најавеното осовременување на објектите и подобрување на условите за сместување на затворениците во оваа установа. Висината на инвестицијата во овој проект изнесува 695.946.300 денари или над 11,2 милиони евра. Градежната оператива има рок од 24 месеци за целосно да ги изгради новите зданија во рамките на КПД „Идризово“. На вториот по ред тендер, понуди доставија две градежни фирми, при што онаа на словачката „Хемкостав“ беше рангирана како најповолна.
Во согласност со проектната документација, најпрвин ќе треба да се отстранат постоечки објекти со површина од 10.400 метри квадратни, по што ќе следува изградбата на три објекти за мажи од отвореното одделение со површина од 5.550 метри квадратни, два објекти за мажи од полуотвореното одделение со површина од 4.650 метри квадратни, реконструкција на административната зграда што се простира на 1.000 метри квадратни, но и на постоечкиот ресторан со тренинг центар. „Хемкостав“ е должна да изведе нова пречистителна станица, да постави софистицирана безбедносна ограда и да ја изведе водоснабдителната, телекомуникациската, топловодната и сообраќајната инфраструктура, како и фекалната, канализационата и електричната мрежа. Финансиските средства за овој обемен проект се обезбедени од кредитот во износ од 46 милиони евра од Банката за развој при Советот на Европа.