Претходна статија
Поништена зделката за „Дрисла“ тешка 74 милиони евра
Следна статија
Директорот на АДСДП очекува значителен пад на цените на становите

Отворена најголемата слободна економска зона во Македонија

Објавено на 23.08.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Денеска беше отворена ТИРЗ Штип, првата Технолошко – индустриска развојна зона во источна Македонија, воедно и најголема од сите вакви планирани зони во државава. ТИРЗ Штип е лоцирана во близина на населбата Три Чешми, се простира на 208 хектари и опфаќа 37 големи парцели. Камен темелникот беше поставен во март 2010 година и досега е изградена главната сообраќајница во должина од 2,2 километри, водоводна инсталација, атмосферска и фекална канализација, електроенергетска мрежа, телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување.

 

ТИРЗ Штип

 

 

Првиот инвеститор во зоната – „Џонсон Контролс“, започна со изградба на фабрика за тапацир за автомобилски седишта уште во октомври 2011 година. Засега се најавува влез на уште еден инвеститор, чиј идентитет не се обелоденува, а веќе закупил 6.000 метри квадратни веднаш до парцелата на „Џонсон Контролс“, каде ќе гради фабрика за градежни материјали.

 

„Кон средината на следниот месец планираме да отпочне градбата на ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Радовиш. Проектите се завршени, се очекува распишување на тендер и некаде во месец ноември да отпочне со градба и оваа зона. Во првата половина на следната година планираме да се започне со градба и на зоните во Делчево, Виница и Берово. Во моментов се градат зоните во Кичево, Прилеп и во Гевгелија. Зоната во Кичево очекуваме да биде функционална на почекот на 2015 година, а во исто време, во завршни подготовки е ТИРЗ Скопје 2 која очекуваме да биде функционална до крајот на оваа година. На овој начин нашата интенција е да ги покриеме сите региони на нашата земја за кои има интерес и за кои веруваме дека може да привлечат интерес за нови инвестиции и нови фабрики“ изјави премиерот Никола Груевски на денешното отворање на штипската слободна економска зона.