Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија бара градежна компанија што ќе го гради владиниот административен објект на местото на паркот до хотелот „Бристол“ [»мапа]. Изведувачот на градежните и градежно – занаетчиските работи ќе треба да подигне зграда со приземје, осум ката и поткровје, со вкупна површина од 4.099 метри квадратни. Заинтересираните компании треба да ги достават понудите до владината служба најдоцна до 12 август, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Новиот објект на улица „Македонија“ е предвидено да се гради во период од 18 месеци. Според досегашните официјални информации во канцелариите на ова здание ќе бидат сместени административците од Советот за радиодифузија, АДСДП и Службата за општи и заеднички работи на македонската влада.
Ревидираниот основен проект го изработи фирмата „Прима инженеринг“ од Скопје, додека на идејното решение се потпишани архитектите Жарко Чаушевски и Никола Стакинов. Македонската јавност досега немаше можност официјално да се запознае со планираниот изглед на ова здание на улицата „Македонија“, но визуелизација на објектот неодамна беше објавена во новата туристичка мапа на градот, означен како „Совет за радиодифузија“.
Со своја реакција за сечењето на дрвјата во центарот на Скопје се јавија и од граѓанската иницијатива „Авангарда“. Тие закажаа протест и музички хепенинг пред хотелот „Бристол“ во текот на утрешниот ден, со почеток од 18 часот.