Центарот на Скопје ќе добие нов мини плоштад на местото на паркингот кај Министерството за финансии и старото седиште на ВМРО-ДПМНЕ каде што сега партијата гради нова комерцијално – деловна зграда. Градот Скопје распиша оглас за избор на архитектонско биро што ќе го изработи основниот проект за изградба на плоштад „ВМРО“. Освен потврдата дека ќе се реализира овој проект, градските власти за „Билд“ денеска не сакаа да изнесат дополнителни информации. „Сите детали за изградбата ќе бидат познати по завршувањето на постапката за избор на основен проект“, велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје. Заинтересираните треба да ги достават своите понуди за изработка на основниот проект најдоцна до 2 јули.
Според податоците од урбанистичкиот план „Мал Ринг“, на оваа локација е предвидено да се оформи плоштад на површина од 681 метри квадратни [»мапа], заедно со фонтана и спомен обележје. По изборот на основен проект, Градот Скопје во следната фаза треба да распише оглас за избор на градежна компанија што ќе го изведува зафатот.