По два неуспешни конкурси, раководството на Градскиот трговски центар (ГТЦ) конечно во третиот обид се одлучи да избере идејно решение за доградба и реконструкција на фасадата на објектот. Како што се претпоставуваше, победничкиот труд за уникатното архитектонско здание од центарот на Скопје подразбира изведба на фасада во духот на проектот „Скопје 2014“, но и менување на досегашниот отворен концепт на трговскиот центар, кој за граѓаните претставуваше важен пешачки коридор во централното градско подрачје. Жири – комисијата се одлучи да го избере делото на Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, автори кои и досега учествуваа во изработката на архитектонски трудови од владиниот проект за целосно менување на изгледот на метрополата. Комплексот со доградбата ќе добие три куполи и десетици антички столбови, а на последниот спрат ќе има голема тераса со бројни скулптури. Раководството на ГТЦ доби одобрение за ваквата доградба со измена на маркичката во ДУП „Мал Ринг“ од страна на општина Центар.
Не се знае кога ќе биде организирана изложба на пристигнатите архитектонски решенија, традиција која ГТЦ ја почитуваше при изборот на дела од претходните конкурси. Во вчерашните визуелизации до кои дојдоа медиумите се претставени и новите барокни фасади на петте кули во рамките на ГТЦ, лоцирани на „Кеј 13 – ти ноември“, иако Град Скопје сè уште го нема избрано победничкото идејно решение за нивниот иден надворешен изглед. Нејасно е како ќе се одвива целокупната постапка во натамошниот период, бидејќи еден дел од постоечкото здание е заштитено од страна на Н.У. Конзерваторски центар Скопје. Објектот на ГТЦ е подигнат врз основа на проектот на архитектот Живко Поповски, за што тој ја доби и државната награда „11 Октомври“.
» Форумска дискусија за овој проект
Визуелизации: